Македонија ќе набавува гас од САД
Северна Македонија, како и другите земји на Западен Балкан, ќе биде вклучена во Платформата за заедничко купување течен гас (LNG) и хидроген што вчера го договорија ЕУ и САД, информира владата.
Ова е резултат на политиката на солидарност во овие времиња на предизвици во кое заедничката стратегија дава резултати, се вели во заклучоците на Европскиот Совет.
„Благодарение на оваа стратегија за справување со последиците од војната и енергетската криза Северна Македонија станува дел од оваа платформа на ЕУ за заедничко купување течен природен гас од САД за да се ослободиме делумно од зависноста од рускиот гас.„ – се вели во соопштението од владината прес служба.
Европскиот Совет во Брисел овие заклучоци ги донесе вчера после состанокот на лидерите на ЕУ со претседателот на САД, Џо Бајден, каде уште еднаш воената агресија на Русија на Украина е оценета како грубо кршење на меѓународното право која што предизвика огромен број цивилни жртви и масовна хуманитарна бегалска криза.
Заклучоците за заедничките политики на ЕУ и САД како одговор на оваа неприфатлива воена агресија во Европа се однесуваат на помошта за Украина и за соодветно прифаќање на бегалците и менаџирање на хуманитарната криза. Донесени се и повеќе заклучоци кои се однесуваат на справување со последиците од економската криза со посебен акцент на енергенсите.
За таа цел договорени се мерки за обезбедување алтернативни извори на енергенси, пред сѐ на гас од САД и за стабилизирање на глобалниот енергетски пазар додека трае војната во Украина.