Македонија од денес е дел од СЕПА системот
Од денес конечно Македонија станува дел од Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), што претставува голема поволност за граѓаните и компаниите. Овој чекор значи дека плаќањата во евра кон земјите од Европската Унија и другите членки на СЕПА ќе се одвиваат на ист начин како и во ЕУ, а најголемата придобивка е значително намалување на трошоците за трансфер.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, денеска на платформата X објави дека плаќањата во евра ќе бидат околу шест пати поевтини и побрзи.
–Земјава практично станува дел од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), со што граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од ЕУ, изјави гувернерот Славески.
Според официјално објавените информации, девет банки се целосно подготвени да извршуваат плаќања во рамките на шемата SEPA Credit Transfer уште од денес: НЛБ Банка, Стопанска банка – Скопје, Комерцијална банка, Шпаркасе банка, Халкбанк, Прокредит банка, ТТК банка, УНИ Банка и Централна кооперативна банка. Останатите три банки го финализираат приклучувањето до крајот на првиот квартал 2026, во роковите утврдени од Народната банка.
Клучната промена е во цената и брзината. За електронски налог од 500 евра, физичките лица во просек ќе платат околу 260 МКД наместо приближно 1.600 МКД преку кореспондентно банкарство; за прилив од ист износ – околу 140 МКД наместо 280 МКД. За фирмите, налог од 20.000 евра кон СЕПА ќе чини приближно 570 МКД (наспроти ~4.740 МКД), а прилив во просек околу 390 МКД (наместо ~1.180 МКД). Банките најавуваат најниски надоместоци преку дигитални канали, што дополнително го поттикнува онлајн-плаќањето.