Skip to main content

Македонија го одбележува Меѓународниот ден на аутизмот

Под мотото „Еден свет за сите“ Македонија по трет пат годинава го одбележува Меѓународниот ден на аутизмот.

logo
лого

Централната манифестација ќе се одржи во Скопје сити мол во организација на здружението „Во мојот свет“ под покровителство на сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова.

Децата, заедно со поддржувачите на кампањата, ќе составуваат сложувалка со боите на аутизмот, а ќе биде приредена и музичка програма.

Целта е да се придонесе за подобрување на условите за живот на оваа ранлива група граѓани.

По повод Меѓународниот ден, делегација на Македонското научно здружение за аутизам и семејства кои имаат деца со аутизам ќе го посетат претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов. Целта е со посетата да ја подигнат јавната свест за аутизмот во Македонија и да покажат дека ооваа популација не е маргинализирана.

Од здружението „Во мојот свет“ посочуваат дека во Македонија не постои официјален регистар на лица со аутизам, но се проценува дека има 2.500 лица со аутизам и 12.000 кои влегуваат во аутистичниот спектар на нарушување.

logoОд Министерството за труд и социјална политика велат дека во соработка со Министерството за здравство почна реализацијата на идејата за воспоставување национален регистар на лица со аутистичен спектар на нарушување. Се надеваат дека националниот регистар ќе биде појдовна основа за креирање национална стратегија за справување со атуистичниот спектар на нарушување. Очекуваат и да се зголеми свеста на јавноста и на професионалците за овој проблем, да се унапреди едукацијата на стручните кадри за работа со деца и лица со аутизам и да се формираат што поголем број специјализирани центри за лица со аутизам.

– Значајна и длабока човечка смисла се открива при секој потфат за заштита, рехабилитација, воспитување и образование на лицата со аутизам, затоа што тоа е една од најблагородните и најзначајни активности кое што во рамките на своите надлежности може да ги спроведе Министерството за труд и социјална политика во соработка со останатите надлежни субјекти. Таквата висока вредност и смисла не обврзува сите нас, секој од својот домен на делување, на еден посебен начин да придонесеме кон развој на еден единствен квалитетен систем на здравствени, социјални, рехабилитациски и воспитно-образовни установи, служби, институции, со еден збор хуман однос кон оваа категорија на лица, велат од Министерството.

Најавуваат дека како една алка од овој интегративен систем го подготвиле и до крајот на овој месец целосно ќе го стават во функција Дневниот центар за деца со аутизам, кој што ќе биде потврда на напорите што се вложуваат, овие деца да се интегрираат во општеството и да не останат на неговите маргини.

{loadposition content9}