Македонија оди на победа против Холандија
Македонската ракометна репрезентација вечерва со почеток од 18:00 часот во Краков го игра вториот меч од групната фаза од Мундијалот.
Противник на „црвено жолтите“ е незгодната селекција на Холандија, а нашиот селектор Кире Лазаров во однос на мечот со Норвешка направи две измени во ростерот.
Едната промена е принудна, додека втората од тактичка природа. На местото на повредениот десен бек Томислав Јагуриноски доаѓа Давид Савревски, додека изненадување е тоа што Костадин Петров кој беше одличен во воведниот меч, сега ќе го нема. На негово место е Павче Атанасијевиќ.
Холандија игра модерен и брз ракомет, а главна ѕвезда им е Лук Стаинс, кој ќе биде тешко да се запре на теренот.
Македонија ќе мора да го покаже својот квалитет и новата брза игра и модерен ракомет кој го најави селекторот Кире Лазаров.
Иако дуелот со Норвешка (27-39) не е добар почеток на Светското првенство, сепак ретко кој очекуваше изненадување против фаворитот.
Ракометарите велат дека дуелот со Норвешка е минато и сега мислите им се насочени само кон Холандија.