Skip to main content

ден на републиката

Македонија го празнува Илинден – Денот на републиката

Илинден е потсетник на концептот на Крушевскиот манифест, првата република на Балканот , идејата водилка на АСНОМ за слободна, независна и просперитетна држава и сите знајни и незнајни жртви положени за таа кауза.
 |  инфодеск  | 
Илинден

Македонија ги празнува двата Илиндени, 1903-та и 1944-та година. Илинден е потсетник на концептот на Крушевскиот манифест и идејата водилка на АСНОМ за слободна, независна и просперитетна држава и сите знајни и незнајни жртви положени за таа кауза.

Во 1903 година почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската република и станал нејзин претседател. Слободната Република траела десет дена. Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската република.

Идејата на илинденците за првата република на Балканот била оживотворена на 2 Авгутст во 1944 година во манастирот „Свети Прохор Пчински“ кај Куманово каде во присуство на 122 претставници на македонскиот народ било одржано Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ).

На заседанието, во согласност со одлуките на АВНОЈ, била потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија.

Притоа, АСНОМ било конституирано како највисок законодавен и извршен орган на народната власт на македонскиот народ, а македонскиот јазик бил воведен како службен јазик во Македонија.