Македонија претставена на најголемиот туристички саем во Скандинавија
Македонија со свој штанд е претставена на водечката туристичка саемска манифестација во Скандинавија – ТУР 2009, која се одржува во Гетеборг, Шведска.
ТУР, како што информира дописникот на МИА од Гетеборг, е годишен собир во чии рамки скандинвските туристички бранши остваруваат средби со туристички оператори и компании од стотина земји во светот, со цел да воспостават нови контакти и да се направат конкретни зделки.
ТУР, исто така, функционира и како извор на информации за патувања и дестинации кои би можеле да го привлечат интересирањето на пошироката шведска јавност.
Списокот на веб-страницата на ТУР содржи податоци за голем број туристички оператори кои нудат аранжмани и можност за зделки на лице место, односно во текот на програмата на Саемот. Од Македонија се присутни претставници на неколку трустички агенции и хотели во Охрид, а од регионот, меѓу другото, се застапени повеќе туристички компании од Словенија, Хрватска, Црна Гора, Грција и Бугарија.
Македонската делегација која учествува на ТУР 2009 во Гетеборг, а во чиј состав се и претставници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и на Министерството за економија, денеска ќе присуствува и на економскиот семинар во организација на Деловно-консултативниот совет при Македонскиот сојуз во Шведска.
Целта на овој семинар во просториите на Македонското друштво ”Гоце Делчев“ во Гетеборг е идентфикување на потенцијалите во рамките на македонската колонија на подрачјето на западна Шведска и стимулирање нови деловни инцијативи, како од локален план, така и во доменот на унапредување на шведско-македонските бизнис релации и друг вид контакти од взаемен интерес.
Деловно-консултативниот совет при Македонскиот сојуз во подготовките на програмата на економскиот семинар во Гетеборг соработуваше со Амбасадата на Република Македонија во Шведска.
{loadposition content9}