Skip to main content

Ден на независноста

Македонија слави 32 години независност

На денешен ден во 1991 година Македонците, под мотото Свој на своето, масовно излегоа на референдум и гласаа за независна и суверена држава.
 |  инфодеск  | 
Македонско знаме 8-ми Септември

Денеска под мотото „Гласник на слободата“ прославуваме 32 години самостојна и суверена држава, откако на 8 септември 1991 година над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдум, се изјаснија дека сакаат да живеат во самостојна и суверена држава. По повод чествувањето на денешниот државен празник Денот на независноста, македонскиот државен врв и лидерите на политичките партии упатија честитки, а серија од настани се одржуваат денеска низ целата земја.

Претседателот Стево Пендаровски во честитката по повод 8. Септември вели дека граѓаните пред 32 години гласаа за уредена и просперитетна Македонија, која се уште ја немаме.

„Од нас денес се бара да имаме функционални институции, законите да важат подеднакво за сите, и општествени реформи од кои благодет ќе видат граѓаните, а, не само оние кои се привилегирани. Крајно време е да потврдиме дека сме способни и во практика , а не само со зборови, да се справиме со сериозните проблеми со кои се соочуваме во долгиот тунел на транзицијата која никако да ја завршиме.“ – вели во честитката Пендаровски.

Премиерот Димитар Ковачевски пак, во честитката вели дека денешниот 8 Септември, го дочекуваме во напредна држава, членка на НАТО и држава со реални перспективи за членство во Европската Унија до 2030 година.

„Гласникот на слободата, 8 Септември, денеска, бара слух од сите нас, за континуиран развој. Повикува на слободно одлучување како демократска должност, за подобар живот на сегашните и идните генерации. Интеграцијата во ЕУ за нас значи уште поголеми плати, нови работни места и поголем избор.Граѓаните сакаат да живеат во современа држава, дел од Европската Унија .“ – порача премиерот.

Претседателот на најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во честитката по повод Денот на независноста вели дека генерациите од 1991 сонуваа за напредок и горда земја која ќе биде достоинствен и рамноправен член за европското семејство.

Но тој сон со годините полека бледнееше, а посебно денес истата таа генерација ги живее најмрачните години од самостојноста, години на криминал, на сеприсутна корупција, на власт на која поважен и е личниот бизнис отколку животот на обичниот човек. 8-ми Септември е остварувањето на соништата на илјадници синови и ќерки од сите епопеи во македонската историја, кои своите животи ги положија за Македонија. Нивниот аманет денес го живееме и имаме обврска да го оставиме на идните генерации по нас, затоа што Македонија е наш дом“, се вели во честитката од Христијан Мицкоски.

Меѓу поважните датуми од патот кон независноста кои му претходеа на референдумот се 25 јануари 1991 кога првиот состав на повеќепартиско Собрание усвои Декларација за независност, а два дена подоцна го избра Киро Глигоров за прв претседател на самостојна и суверена Република Македонија. По референдумот, пак, на 17 ноември 1991 беше усвоен Уставот, а следуваше и монетарно осамостојување и воведување на денарот на 26 април 1992. Меѓународно-правниот субјективитет на државата е потврден на 8 април 1993 година кога со акламација во Генералното собрание на Обединетите нации, Македонија е примена за 181 полноправна членка на Светската организација. Денес, Република Северна Македонија е држава членка на најголемиот воено-политички сојуз во светот, НАТО.

Во рамки на чествувањето на 32 години од прогласувањето на независноста на државата, претседателот на државата Стево Пендаровски и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски оддадоа почит и положија свежо цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата, Киро Глигоров и Борис Трајковски, во алејата на великаните на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје. Покрај многубројните пригодни манифестации, се одржува „Отворен ден за граѓаните“, во чии рамки се обезбедува бесплатен влез во културните установи, музеи и галерии во целата држава.