Македонија „Земја партнер“ на 56. Меѓународен саем за туризам во Нови Сад
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, информираше дека нашата земја е „Земја партнер“ на 56. Меѓународен саем за туризам во Нови Сад. Тој истакна дека во Конгресниот центар „Мастер“ беа присутни претставници од цел Балкан, каде беа споделени нови идеи, нови контакти, но и планови за заеднички проекти.
-Од страна на Србија беше испратена силна порака за партнерство и пријателство, а ние како држава покажавме колку имаме да понудиме: традиција, култура, природа, вкус, енергија и гостопримство што се памети. Верувам дека оваа соработка ќе донесе нови можности за целиот регион и дека туристичкиот развој ќе продолжи во насока на поврзување и заемна поддршка, изјави министерот Љутков.

На саемот присуствуваше и Михајло Филев, почесен конзул на Република Србија во Република Македонија.
-Особена благодарност упатувам до почитуваните: генералниот директор, м-р Слободан Цветковиќ и неговите соработници, министерот за култура и туризам на Р. Македонија, г-дин Зоран Љутков со соработниците и сите учесници за прекрасната организација на саемот. Беа доделени наградите на сите кои со огромен труд придонесуваат за промоција и развој на туризмот во регионот, меѓу нив и еден од најстарите брендови на Македонија – Охридскиот бисер изработен од семејствата Филеви -1928 и Талеви -1924, кои дирекрно придонесуваат за развојот на туризмот во Македонија и претставуваат посебен дел од културата и историјата на целиот регион и светското културно наследство, изјави Филев.
