Македонскиот рубин добива систем: Сертификат, меѓународна афирмација и заштита од лажно претставување

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) соопшти дека формирана е Комисија за македонскиот рубин која ќе работи на воспоставување систем за сертификација, следливост и заштита на неговото потекло, како следен чекор по институционалното признавање и заштита на овој македонски геолошки уникат.
Целта е заштитата да не остане само на ниво на правен статус, туку да се воспостави целосен и функционален систем со кој ќе се знае што се ископува, кој има право да го произведува и обработува, од каде потекнува рубинот и под кои услови може да се пласира на пазарот, регулирано со правилникот кој го донесе комисијата.
На работната средба беа дефинирани првичните приоритети на Комисијата, меѓу кои се:
- воспоставување систем за сертифицирање на македонскиот рубин;
- подготовка на каталог и регистар на овластени производители и обработувачи;
- воспоставување механизам за евиденција на количините и движењето на рубинот;
- гарантирање на автентичното потекло и следливоста на рубинот;
- утврдување стандарди за неговата обработка, презентација и означување;
- спречување на злоупотреби и лажно претставување на други минерали како македонски рубин;
- системско поврзување на геолошката, рударската и индустриско-правната заштита;
- подготовка на активности за меѓународна афирмација и признавање на македонскиот рубин.
„Со заштитата на македонскиот рубин направивме историски чекор, но со тоа работата не завршува. Напротив, сега започнува следната, многу важна фаза – да воспоставиме систем кој ќе гарантира дека кога некој ќе купи македонски рубин, навистина знае дека станува збор за рубин со потекло од Македонија, кој е сертифициран, евидентиран и заштитен. Нашата цел е од природно богатство да создадеме препознатлива национална вредност и бренд со јасни правила и стандарди“, истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Особено значајна е соработката со Државниот завод за индустриска сопственост, кој е надлежен за системот на индустриска сопственост и има надлежности поврзани со географските називи и меѓународната соработка во областа на индустриската сопственост. Со вклучувањето на ДЗИС, Геолошкиот завод и стручните служби на Министерството се воспоставува институционален механизам кој треба да ги поврзе геолошката експертиза, рударската регулатива и правната заштита, со крајна цел македонскиот рубин да добие јасно дефиниран статус, препознатливост и контролиран пазарен настап.
Паралелно со воспоставувањето на домашниот систем на сертификација и следливост, започнат е и процесот за меѓународна афирмација на македонскиот рубин, со амбиција неговата автентичност и потекло да бидат препознатливи и надвор од земјата.
„Македонскиот рубин не треба да биде само минерал кој го знаеме ние. Треба да стане препознатливо име поврзано со Македонија. Затоа работиме на систем кој ќе овозможи неговата вредност да се гради на автентичност, потекло, квалитет и доверба. Само така можеме да создадеме производ кој има и економска и национална вредност“, посочи Божиновска.




