Skip to main content

Финска е најсреќна држава во светот

Македонските граѓани најнесреќни во регионот

Меѓу најсреќните нации во светот, по Финска се Данска, Исланд, Израел, Холандија, Шведска, Норвешка, Швајцарија, Луксембург и Нов Зеланд.
 |  инфодеск  | 
Охрид чаршија

Северна Македонија се најде на 87 место од 137 држави на новиот извештај „Среќата во светот 2023“ кој го објавуваат Обединетите Нации што земјава ја стави на последното место на Балканот и меѓу најнесреќните држави во Европа.

Споредено со регионот С. Македонија се најде на дното на листата. Од окружувањето најдобро е рангирана Словенија (22 место), Косово (34), Србија (45), Хрватска (48), Грција (58), Црна Гора (67), Босна и Херцеговина (71), Бугарија (77) и Албанија (83).

Од државите во Европа полош резултат имаат само Грузија (90 место), Украина (92) и Турција (106). Оваа година С. Македонија се наоѓа во друштво на држави како Република Конго, Венецуела и Лаос.

Извештај среќа

Индексот ги мери субјективните чувства на граѓаните, преку визуелната „Скала на Кантрил“, едноставно прашање за тоа колку тие се чувствуваат среќни и зошто. Секоја година луѓето низ светот за оваа анкета одговараат на прашањето – каде тие лично сметаат дека се наоѓаат според моменталната ситуација во животот – на скала од 0 до 10. Извештајот оваа година ги рангираше државите според тригодишен просек, а С. Македонија за периодот 2020-2022 година има просечен резултат од 5,254.

Како и лани и оваа година најсреќна држава во светот е Финска, која има просечен резултат од 7,804. Во првите пет држави се наоѓаат уште и Данска, Исланд, Израел и Холандија.

Најнесреќна држава оваа година е Авганистан со просечен резултат од 1,859, додека на последните пет позиции се уште и Либан, Сиера Леоне, Зимбабве и Демократска Република Конго.

Ова е 11-та година откако се објавува извештајот „Среќата во светот“ на 20 март – Меѓународен ден на среќата според Обединетите нации.