Skip to main content

Маркетите треба да ги означат домашните земјоделски производи за да се разликуваат од увозните

До маркетите ширум државава се дистрибуираат ознаките за домашни земјоделски производи и нивни преработки во Кампањата „Македонско најдобро – нашата традиција, наша гордост“. Се подготвува и дигитална платформа и мобилна апликација преку кои граѓаните ќе можат да се информираат кои производи им се достапни најблиску до нив и по кои цени. Целта е да се направат домашните земјоделски производи повидливи за купувачите и со нивно купување да се зајакне домашното земјоделско производство.
 |  Маја Савиќ  | 

За брзо време купувачите во маркетите при купувањето ќе знаат кои земјоделски производи и нивни преработки се домашни македонски, а кои од увоз. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е во фаза на доставување ознаки до маркетите ширум државата за обележување на домашните земјоделски производи и преработки во рамки на кампањата „Македонско најдобро“

Кампањата има примарна цел да имаме јасна видливост на тоа што значи домашно македонско производство и она што значи од увоз. Самиот потрошувач да биде ставен во една ситуација да може да бира. Целта на кампањата е да го поткреваме домашното производство затоа што сепак сметам дека имаме квалитетни земјоделски производи кои треба да бидат ставени на располагање. Верувам дека и вие ако појдете во маркет нема да знаете кој домат е од Македонија а кој од увоз, или некој друг земјоделски производ. Затоа со оваа кампања, со овие означувања и овие ознаки на цени и производ веќе граѓаните ќе бидат ставени во избор. изјави министерот Цветан Трипуновски.

На дигиталната платформа makedonskonajdobro.mk тече пријавување и регистрација на македонски земјоделци, задруги, преработувачи и продажни ланци за секој еден граѓанин да може лесно да се информира за домашните производи. Платформата содржи и интерактивна мапа „Каде да купам” која преку автоматска геолокација им помага на граѓаните да пронајдат домашни земјоделски производи во најблиските продажни места, со можност за филтрирање по категорија или специфичен производ и нивните цени.

„ Целта на кампањата е да му дадеме епитет на македонскиот земјоделец кој произведува квалитетни македонски земјоделски производи, дополнително ефект од кампањата се очекува да им помогнеме на македонските компании кои работат преработки на земјоделски производи бидејќи тие компании вработуваат наши сограѓани кои обезбедуваат приходи за своите семејства и трето и најважно да ја раздвижиме домашната економија односно парите коишто ги трошат граѓаните да останат во домашната економија што ќе значи заокружување на целиот процес.“ – вели Трипуновски.

Во скоро време ќе биде ставена во функција и посебна мобилна апликација, која ќе овозможи уште полесен пристап до информации за домашните земјоделски производи и преработки.