Мицкоски: Го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци

Премиерот Христијан Мицкоски, на денешната средба со Комисијата за заштита на конкуренцијата, Министерот за економија, Заменик министерот за економија и Директорот на пазарната инспекција најави засилени контроли кај трговците со цел да спречат какви било злоупотреби од нивна страна, сметајќи ги енормните цени кои ги плаќаат граѓаните како напад врз сопствената држава, граѓаните и заедничкиот интегритет.
-Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!, вели премиерот во неговото соопштение.
Инаку, од вчера на социјалните мрежи се шири повик до граѓаните за бојкот на маркетите во петок кој е инспириран од акцијата во Хрватска, Црна Гора и БиХ каде минатата недела граѓаните ги бојкотираа продавниците поради високите цени на основните прехранбени производи. Двете најголеми политички партии, ВМРО и СДСМ ја поддржаа оваа иницијатива.
Latest Македонија
