Skip to main content

Милчо Манчевски, гостин предавач на престижниот Кембриџ

Милчо Манчевски гостува со предавање на тема „Филм, конфликт, репрезентација“ на Универзитет Кембриџ, а ќе бидат прикажани и филмовите „Мајки“ и „Пред дождот“.

Milcho Manchevski
Милчо Манчевски

Милчо Манчевски гостува со предавање на тема „Филм, конфликт, репрезентација“ на Универзитет Кембриџ, а ќе бидат прикажани и филмовите „Мајки“ и „Пред дождот“. По прикажувањето, ќе има разговор за филмовите, а студентите, професорите на Кембриџ и посетителите ќе имаат можност да поставуваат прашања и да разговараат со Манчевски.

Универзитетот Кембриџ е трет најстар во светот, основан во 1209 година, и еден од најпрестижните и најквалитетните универзитети во светот, од чии рамки произлегле 90 добитници на Нобеловата награда. Универзитетот Кембриџ организира предавања и дискусии каде студенти, професори и заинтересирани посетители имаат можност да слушнат и да разговараат со меѓународно реномирани професори и автори.

Milcho Manchevski„Мајки“ беше прикажан на 30 ноември, и е вброен меѓу најдобрите 40 европски филмови од страна на Европската филмска академија во 2010 година. По светската премиера во Торонто, и европската во Берлин, „Мајки“ беше прикажан на 40 фестивали, на пет различни континенти. Освои седум меѓународни награди, беше најгледан филм на годината во Македонија, а исто така беше македонскиот претставник за Оскар во 2010 година. Во главните улоги настапуваат Ана Стојановска, Димитар Ѓоргиевски, Владимир Јачев, Ратка Радмановиќ, Диме Илиев, Марина Поп Панкова и други.

„Пред дождот“ е добитник на 30 меѓународни награди, меѓу кои и Златен лав за најдобар филм на Венецијанскиот филмски фестивал и номинација за Оскар. „Пред дождот“ беше вброен меѓу 1.000 најдобри филмови на сите времиња од страна на Њујорк Тајмс. Покрај бројните фестивали и над 30 награди, филмот е еден од ретките македонски филмови што се прикажани во кино-салите и на телевизиите ширум светот – од Јапонија до Бразил и САД (филм на годината во Шведска, Аргентина, Турција и Италија).

Тој е вброен во наставната програма на бројни универзитети и на средните школи во Италија. Главните улоги во филмот ги толкуваат Катрин Картлиџ, Раде Шербеџија, Лабина Митевска и Грегоар Колан.

{loadposition content9}