Skip to main content

Црквата свети спас денеска затворена за посетители

Мирно и достоинствено одбележан роденденот на Гоце Делчев во Скопје

Одбележувањето помина под силно полициско обезбедување, а веќе неколку дена улицата која минува крај црквата „Св. Спас“ е затворена за сообраќај, а така се очекува да биде и денеска.
 |  инфодеск  | 
Делчев одбележување

Со високи државни почести, мирно и достоинствено, вчера во Скопје беше одбележана 151-та годишнина од раѓањето на големиот светски визионер и инспиратор на македонското револуционерно дело и државност, Гоце Делчев. На неговиот гроб во црквата „Св. Спас“ вчера цвеќе положија државниот врв, претставници на политичките партии од власта и опозицијата, на граѓански организации и на Армијата, делегација од Бугарија, граѓани.

Одбележувањето помина под силно полициско обезбедување, а веќе неколку дена улицата која минува крај црквата „Св. Спас“ е затворена за сообраќај, а така се очекува да биде и денеска.

Настанот во чест на раѓањето на знаменосецот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, започна со високи државни почести и со македонската химна. Цвеќе на гробот на Делчев положија претседателот Стево Пендаровски, а владината делегација ја предводеше премиерот Димитар Ковачевски и во неа беа првиот вице-премиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министрите за одбрана Славјанка Петровска, за внатрешни работи, Оливер Спасовски и за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска. Делегацијата од Собранието ја предводеше потпретседателот Горан Мисовски, а цвеќе положија и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, претставници од Генералштабот и на Министерството за одбрана, претставници од Сојузот на борци од НОАВМ и делегации на политички партии.

Одбележување на роденденот на Гоце Делчев

Во црквата Свети Спас се одржа и богослужба посветена на големиот револуционер, Гоце Делчев, со која чиночалствуваше поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан, во сослужение на свештенството.