Skip to main content

Здружение на новинари на македонија

Младен Чадиковски реизбран за претседател на ЗНМ

Со 275 гласови Младен Чадиковски е реизбран за претседател на Здружението на новинари на Македонија. Николовски освои 119, а Кока 53 гласови.
 |  инфодеск  | 
Младен Чадиковски

Чадиковски доби 275 гласови, Николовски 119, а Кока 53 гласови. По објавувањето на резултатите, Чадиковски изрази задоволство не само од изборот, туку и од евидентно, како што рече, обединување во професијата.

Направивме еден собир, да речам, најголем во историјата на македонското новинарство, каде што повеќе од 450 новинари, сниматели, медиумски работници, дојдоа демократски на фер начин да си го искажат своето мислење за тоа каде треба да се движи новинарството понатаму. И особено сум среќен и задоволен што сите заедно и тие што учествуваа на ова Собрание, значи конкурентите, и УО сето она што ќе значи дел од органите на ЗНМ во иднина ќе продолжи да работи на принципите на професионалност, на правда, етика во новинарството, со намера да го засилиме и зголемиме потенцијалот на македонските новинари, сниматели и сите медиумски работници – изјави новоизбраниот претседател на ЗНМ.

Тој нагласи дека новинарите мораат да работат за граѓаните на начин што тоа ќе значи во основа да ги почитуваат сите оние стандарди и принципи.

Меѓутоа и не само тоа, се разбира и понатаму да продолжиме со фокус на граѓаните на сето она што се нивни проблеми. Зошто, затоа што само така подобро ќе влијаеме за да ги подобориме состојбите во ова општество. Продолжуваме посилно, подобро да работиме во наредниот период – порача Чадиковски и додаде дека сите идеи од колегите, новинарите од медиумските работници се добредојдени.

Марјан Николовски честитајќи ја победата изјави дека Чадиковски и ЗНМ од него „нема да имаат мир“, односно дека ќе продолжи со конструктивни идеи и предлози кон здружението и со ангажман во професијата.

Членовите на ЗНМ избираа и членови во Управниот одбор, во Надзорниот одбор и челнови во Советот на честа. Дваесет и четири кандидатури има за членови во Управниот одбор, девет за членови во Надзорниот одбор и 11 за членови во Советот на честа.

Здружението на новинари е формирано во 1946 година, а во моментов брои 1.010 редовни и придружни членови.

Извор/Мкд.мк