Младите да бидат активни учесници во демократските процеси
Невладината СЕГА, ќе ги учи младите како активно да земат учество во изборните процеси
Коалицијата на младински организации СЕГА ќе ги едуцира младите како правилно да го остварат своето право на глас на престојните локални избори. Оваа невладина организација во наредниот период, во осум поголеми градови, меѓу кои и Охрид, ќе се обрати директно кон младите во обид да се подигне нивната мотивација за учество на политичките избори, и остварување на нивното право на глас.
Претседателот на СЕГА, Зоран Илиески, вели дека целта на овие едукативни сесии е да се поттикне критичното мислење на младите со цел тие да можат правилно да гласаат.
„Факт е дека младите се повеќе се демотивирани и дека се намалува нивниот интерес за излегување на гласање на изборите. Она што треба да се направи, и од страна на институциите коишто се грижат за спроведување на избори, Државната изборна комисија, и таа да делува кон младите како целна група, за да го потенцира самиот изборен процес, зошто е важен за нив, особено овие избори, кога станува збор за локални избори, кои се важни за младите луѓе затоа што сега се одлучува за понатамошното функционирање во средината во која тие живеат.“-рече претседателот на коалицијата на младински организации „СЕГА“, Зоран Илиески.
Илиески смета дека младите како посебна целна група, многу малку директно се почитуваат од страна на политичарите, односно малку се бара решение за нивните проблеми. Вели дека на овие избори, политичките програми треба да зборуваат за решенијата на овие проблеми.
Крајната цел е одлуката за кого ќе гласаат младите, да биде информирана, а не наметната одлука.
„Тука најголема улога треба да одиграат училиштата, односно образовниот систем, каде што во директна работа со нив, со средношколци кои што полнат 18 години, треба да работат на нивната едукација, на нивно основно подигање на свеста, начинот на кој тие треба да почнат да размислуваат, бидејќи нивниот глас е подеднакво ист како и гласот на возрасните. Викам дека училиштата, односно образовниот систем е тој кој што треба да делува на развој на критичкото мислење кај младите гласачи, оние кои што прв пат ќе гласаат.“-вели Илиески.
Кампањата за едукација која ќе ја спроведува коалицијата СЕГА, покрај едукативните предавања низ градовите, истовремено ќе се обиде да допре до младите и преку медиумите и преку социјалните мрежи кои тие најмногу ги користат. Велат дека ова е со цел поттикнување на младите да земат активно учество во демократските процеси во Република Македонија.
{loadposition content9}