Младите инженери од техничките факултети го добија високото признание „Инженерски прстен 2015та“
Годинава рекорден број од 19 млади талентирани инженери се закитија со ова ласкаво признание лично од претседателот на државата Ѓорѓе Иванов.
19 млади дипломирани инженери од техничките факултети го добија ласкавото признание „Инженерски прстен 2015та“. По дванаесетти пат, традиционално на Плаошник, ова високо признание на најдобрите студенти им беше доделено од претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов. Претседателот во своето обраќање до студентите рече дека од нив очекува да се фрлат во динамичните води на технолошкиот напредок и да не се плашат од предизвиците.
„Немојте да се задоволувате со безбедноста на базенот или пријатноста на езерото, наместо тоа храбро запловете во океанот на инженерството, на технологијата и науката. Базенот и езерото се претесни за луѓе како вас. Кога ќе запловите во океанот, вие се вклучувате во глобалната виртуелна трка на умови и иновации, технолошки решенија. Во таа глобална трка успеваат најпосветените, најработливите, најкреативните. А прво правило во секоја трка е дека никогаш не треба да се споредувате со понеуспешните од вас, второ правило, секогаш натпреварувајте се со подобрите и учете од нив од решенијата со кои постигнале успех за да можете да ги достигнете и престигнете.“ -вели претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов.
Уникатниот прстен според младите студенти е една убава инспирација да продолжат по патот по кој досега чекореле.
„Многу ми е драго што сум денес овде и што сум добитник на ова признание. Мене ова ми претставува најнапред голема лична сатисфакција, а воедно и признание за еден навистина извонреден успех. Оваа награда ќе ми биде поттик и мотивација за во иднина да вложам во моето стручно знаење и надоградувањето во стручната област.“
„Во иднина се гледам како студент кој би го достигнал највисокиот врв од своето образование и нека биде ова мотивација за идните студенти оваа награда.“
„Ова признание претставува круна на моето знаење и ќе ми претставува поттик за и понатаму да вложувам во моето образование и знаење. Себеси во иднина се гледам како познат дизајнер на мебел и ентериер.“
„Себеси пред се гледам во Македонија, а за работа понатаму ќе видиме. Се надевам ова ќе претставува една можност за едно добро работно место во Македонија.“-рекоа дел од дипломираните студенти.
Инаку манифестацијата „Инженерски прстен“ е во организација на Инженерската институција на Македонија, а под покровителство на претседателот на републиката, Ѓорѓе Иванов.