МНР прави напори за евакуација на осумчлено семејство од Судан
По добиената информација дека осумчлено семејство, државјани на Македонија, се наоѓа во загрозените подрачја на Судан. По добиената информација, Министерството за надворешни работи, преку својата амбасада во Каиро веднаш стапило во контакт по што добило потврда дека сите членови се во добра здравствена состојба.
„Министерството преку дипломатската мрежа во регионот е во постојана комуникација со колегите од пријателските земји, чии амбасади се сѐ уште активни на територијата на Судан. Во тек се активности за да се обезбеди нивна скора евакуација, и трансфер на безбедна локација од каде подоцна би се обезбедил трансфер кон земјава. “ – информираа од МНР.
Во однос на четирите наши државјани кои претходно го напуштија Судан кон Саудиска Арабија, истите се на безбедна локација, во добра здравствена состојба и наскоро ќе бидат вратени во земјава.
„Во оваа прилика го повторуваме нашиот апел доколку има наши државјани кои се наоѓаат во територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Република Северна Македонија во Каиро на телефон +201033615542 и е-мејл cairo@mfa.gov.mk, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на следниот телефонски број +971 56 441 7532 и е-мејл адреса abudabi@mfa.gov.mk, како и Министерството за надворешни работи на СОС телефонот + 389 75 273 732 и емејл globalsos@mfa.gov.mk.„ – севели во соопштението од МНР.