Промовиран порталот „е-наука“: Македонските истражувачи на едно место, поврзани со светските научни бази

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, објави дека денес беше промовиран порталот e-nauka.mon.gov.mk, портал кој претставува единствена национална електронска база на податоци за сите истражувачи од Македонија кои вршат научно истражувачка работа, но и за истражувачите со македонско потекло кои работат на странски универзитети. Како што појасна Јаневска, порталот е поврзан и со глобалните бази на истражувачки резултати – Web of Science, Scopus и Google Scholar, со што овозможува прикажување на индикатори, резултати, анализи, цитираност и h – индекс.
– Овој портал е достапен и за меѓународните универзитети, глобалните истражувачки конзорциуми и мултинационалните центри за истражување и развој, што создава шанси за повеќе заеднички апликации за грантови, коавторства на трудови со големо влијание и зајакнување на позицијата на нашите научници во глобални рамки, изјави министерката и ги повика истражувачите со македонско потекло, да пополнат апликација и да влезат во електронскиот регистар Е-Наука.







