МОН го продолжи рокот за аплицирање за финансиска помош за учениците
МОН донесе одлука со која рокот за аплицирање за финансиска помош за учениците се продолжува до 25 декември, односно заклучно со понеделник.
Поради краткиот рок кој беше даден во повикот се создадоа гужви во институциите кои издаваат документи потребни за аплицирање.
Од МОН пак велат дека ваквиот чекор се презема поради големиот интерес за мерката, а додаваат и дека надлежните служби при Министерството за образование и наука се во постојана комуникација со потенцијални апликанти кои имаат потреба од поддршка во процесот на аплицирање.
Финансиската помош е за основци и средношколци чии вкупни домашни месечни примања не надминуваат 50.000 денари.
Повикот ќе биде објавуван секој месец за оние кои не се пријавиле претходно, а оние кои ја добиле финансиската помош секој месец ќе мора да ги доставуваат документите во училиштата за да се продолжи правото на користење на финансиската поддршка.