Skip to main content

Можна промена на државниот грб

Последен пат овој симбол беше изменет во 2010та кога од актуелниот грб беше отстранета само црвената петокрака.
 |  инфодеск  | 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека партиите од владејачката коалиција, ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, го отвориле прашањето за промена на државниот грб на Македонија.

„Ова прашање го отворивме. Ние сме една од двете постсоцијалистички држави што се уште го имаат стариот државен грб, со некои мали модификации,“ рече Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања. Премиерот потсети дека договор за менување на државниот грб имало и меѓу ВМРО-ДМПНЕ и ДУИ кога тие во истата влада.

Последен пат промена на грбот предложи Владата на Никола Груевски во 2014 година, но не успеа да обезбеди двотретинско мнозинство за поддршка на оваа идеја. Стануваше збор за црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Меѓу објаснувањата на тогашната власт беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од советската хералдика. 

Инаку, за промена на државниот грб потребно е двотретинско мнозинство во Собранието. Последен пат овој симбол беше изменет во 2010та кога од актуелниот грб беше отстранета само црвената петокрака.

Либерално-демократската партија (ЛДП) предложи поставување на рисот на новиот грб, бидејќи преку несо се покажува поглед кон иднината наместо „враќање назад и гледање во минатото“.