МПЦ-ОА денеска на протест против законските измени за родова еднаквост и матична евиденција
Под мотото „Имаме должност“, Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) денеска излегува на најавениот сенароден собир во знак на протест против предлог-законите за родова еднаквост и за матична евиденција за кои вели дека се сериозна закана за општеството.
Собирот ќе почне во 18 часот пред Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
Викарниот епископ на Скопската епархија Давид во неговиот блог, објавен синоќа во пресрет на денешниот собир напиша дека е свесен за фактот дека државата е секуларна и дека црквата нема право да донесува закони во Собранието, но за разлика од државата, како што кажа, црквата има свои внатрешни правила.
„Затоа, ќе треба внимателно да се запишат имињата и презимињата на оние народни пратеници, кои евентуално би кренале рака за спомнатиот закон за родова еднаквост, поточно – закон за дехуманизација. Потоа, црквата, секако доколку посака, може да размисли и да одлучи, пратениците, кои би го поддржале законот, кондиционално да ги лиши од сите свештенодејствија, кои тие, очигледно само од адет, би милувале да ги прават. “- напиша епископот.
Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација го осудија повикот за протест на МПЦ-ОА, чија единствена цел, како што велат, е да се направи јавен притисок кон повлекување на двата предлог-закони, оценувајќи го како директен упад во секуларноста на државата и непочитување на Уставот, а пред сѐ на жените во земјава и непрепознавање на нивните реални животни ситуации.