Skip to main content

МВР го одложи стартот на „Безбеден град“: Казни ќе се испраќаат електронски од февруари 2026

„Безбеден град“ во февруари ќе започне да работи во Скопје, Тетово и Куманово, како и на делници од автопатските коридори 8 и 10.
 |  инфодеск  | 

Системот за санкционирање на сообраќајни прекршоци „Безбеден град“ официјално ќе започне да функционира од февруари идната година, потврди Министерството за внатрешни работи за „360 степени“. Тоа значи дека стартот на проектот ќе биде одложен за еден месец во однос на првичните најави дека ќе стартува од јануари. Можноста за одложување неодмна ја најави министерот Панче Тошковски, по стартот на тест периодот, кој укажа дека на повеќе функционалности ќе им треба унапредување.

Како што е најавено, „Безбеден град“ во февруари ќе започне да работи во Скопје, Тетово и Куманово, како и на делници од автопатските коридори 8 и 10.

Системот „Безбеден град“ е дел од стратегијата на МВР за зголемување на безбедноста во сообраќајот. Тој користи камери и технички средства за автоматско евидентирање на прекршоци како брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање.

На 1 декември, во првите 12 часа од пробното снимање на улиците беа регистрирани 65.000 сообраќајни прекршоци, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Од нив, за поминување на црвено светло се 2.800 прекршоци, а нерегистриран автомобил возел 1.000 граѓани.