Skip to main content

МВР предупредува на измами со кои се крадат лични податоци

Граѓаните добиваат пораки наводно испратени од директорот на Бирото за јавна безбедност или министерот за внатрешни работи, во кои им се соопштува дека се под истрага за ивршени кривични дела и дека е потребно да се регистрираат преку електронска пошта и да ги достават своите лични податоци. Тие електронски пораки се обид за измама со цел прибирање лични податоци за нивна понатамошна злоупотреба.
 |  инфодеск  | 
онлајн измами

Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи (МВР) известува за зголемен број измами во кои се користат фишинг-напади и лажно претставување во име на министерот за внатрешни работи и директорот на Бирото за јавна безбедност. Главната цел на овие измами е прибирање на лични податоци или насочување на жртвите кон лажни веб-страници за понатамошна злоупотреба.

Обидите најчесто доаѓаат преку електронска пошта, но и преку социјалните мрежи, СМС пораки или телефонски повици. Во некои случаи, жртвите добиваат порака дека се предмет на наводни правни постапки за измислени кривични дела и се повикуваат да стапат во контакт со испраќачот преку вибер или телеграм линк. Дополнително, постојат случаи во кои граѓаните добивале пораки наводно испратени од директорот на Бирото за јавна безбедност или од министерот за внатрешни работи, со кои им се соопштува дека се под истрага за извршени кривични дела и дека е потребно да се регистрираат преку е-пошта и да ги достават нивните лични податоци. Овие електронски пораки се класичен обид за измама со цел прибирање на лични податоци за нивна понатамошна злоупотреба – се вели во соопштението на МВР.

Од полицијата апелираат до сите граѓани да бидат внимателни, да не ги отвораат овие пораки и никако да не контактираат со испраќачот преку доставениот линк или да споделуваат лични податоци доколку тоа се бара.

– За да се избегне ризикот од зараза со малициозен софтвер, Секторот за компјутерски криминал препорачува граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и датотеки прикачени во е-маил пораки од непознати испраќачи. Дополнително, сакаме да ја информираме јавноста дека ваквите измами честопати имаат меѓународна димензија, бидејќи слични пораки се забележани и во други држави од регионот – се посочува во соопштението на МВР.