Skip to main content

Светски ден на безбедност при работа

На 100 000 работници тројца гинат, 21 потешко се повредуваат во 2022

Во 2022 год. во Струга имало 3 смртни случаи поврзани со работното место. Во Охрид се регистрирани 4 повреди на работно место.
 |  Маја Савиќ  | 
red hard hat

Во 2022 година се забележани вкупно 169 несреќи при работа во Македонија.

„Оваа бројка е конзервативна и во голема мера не го отсликува вистинскиот број на потешки несреќи на работното место, кој во просек според податоците на Институтот за Јавно здравје до 2020 година е некаде околу 1500 потешко повредени на годишно ниво.“ – велат од Македонското здружение за заштита при работа.

22 потешки несреќи на работното место биле со фатални последици. Според податоците на Македонското здружение за заштита при работа стапката на смртни случаи при работа во Македонија изнесува 3,17 односно на секои 100.000 вработени, 3 вработени гинат на работното место во 2022 година. Оваа стапка на смртност, е во благ пад споредбено со претходната 2021 година, кога изнесувала 3.77.

„Кога пак како параметар ќе се земат повредите при работа, тогаш стапката на повреди при работа за 2022 година изнесува 21,21, што покажува дека на секои 100.000 вработени, потешко се повредуваат околу 21 вработени. Споредбено со минатата година, кога стапката на повреди при работа изнесувала 16,97, стапката на повреди за 2022 е во благ пораст.“, пишува во Извештајот.

Во 2022 година најмногу несреќи има во Преработувачката индустрија 59, по што следи Јавна управа и одбрана 27 и Градежништвото. Најголем број несреќи кои резултирале со смрт има во дејностите на домаќинства како работодавачи 8, градежништвото 6 и преработувачката индустрија 3.

Во 2022 година од вкупно 34 градови до државата во 26 се случиле несреќи при работа, што значи дека во 77% биле забележани несреќи при работа, се вели во извештајот на Македонско здружение за заштита при работа.
Во однос на градот во кој се случила несреќата, Скопје е град со најголем број на несреќи. Во Струга имало 3 смртни случаи поврзани со работното место. Во Охрид се регистрирани 4 повреди на работно место.