Најголемата воена вежба во Македонија
На армискиот полигон Криволак почна досега најголемата воена вежба во Македонија.
Со падобрански скокови, хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Грција, Албанија и Македонија се спроведе Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 22“ (Swift Response 22).
На воениот полигон Криволак теренскиот брифинг за воената вежба „Брз одговор 22“ претставуваше транспарентна демонстрација на заеднички одбранбено-безбедносни чекори за стабилна иднина на нашата држава.
Како што посочи и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, вежбата има особено значење за нашата Армија во однос на споделување знаења, способности и вештини, зголемување на интероперабилноста и оспособеноста за заедничко дејствување со сојузничките вооружени сили во изведување на овој вид операции, како и демонстрирање на капацитетите на полигонот Криволак за изведување и ваков вид воени вежби, информираа од Министерството за одбрана.
„Воената вежба „Брз одговор 22“ е особено важна за развој на капацитетите на нашата Армија преку споделување на знаења, способности и вештини, како и зголемување на интероперабилноста со вооружените сили на сојузничките земји.Во оваа комплексна вежба, чиј домаќин е #СевернаМакедонија, учествуваат 4600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО. Денеска имав можност да проследам комбинирана воена вежба со падобрански скокови, хеликоптерски десант и авиони. „Брз одговор 22“ ги демонстрира уникатните капацитети на полигонот „Криволак“ како современ меѓународен тренинг центар“ – истакна Командантот на воените сили на Македонија Претседателот Стево Пендаровски.
Вежбата ќе трае до 20 мај и во неа ќе учествуваат 4.600 војници од осум држави.