НБРМ ја зголеми основната каматна стапка за 0,25% поради инфлациските ризици

Извршниот одбор на Народната банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, со што таа се искачува од 4 на 4,25 отсто. Од централната банка соопштија дека мерката е донесена врз основа на најновите економски показатели и проценките за влијанието на глобалните случувања врз домашната економија.
Според оценките на Народната банка, од почетокот на годината е забележана зголемена побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што условило поактивно присуство на институцијата на девизниот пазар. Сепак, од почетокот на мај се регистрира стабилизација на побарувачката на девизи, додека најновите меѓународни случувања внесуваат поголема извесност во однос на можностите за смирување на конфликтот на Блискиот Исток.
И покрај тоа, од Народната банка предупредуваат дека економските последици од геополитичките тензии и натаму се присутни, а неизвесноста околу целосната нормализација на економските текови останува значаен ризик. Дополнително, продолжуваат и притисоците врз цените.
Годишната стапка на инфлација во мај бележи забавување во согласност со очекувањата, но останува на релативно високо ниво, што укажува на продолжени инфлациски притисоци и побавно враќање кон историски просечните стапки. Централната банка посочува дека дел од домашните фактори кои влијаат врз побарувачката дополнително ја наметнуваат потребата од претпазлив пристап во креирањето на монетарната политика.
Во такви околности, оценето е дека умереното затегнување на монетарната политика, во комбинација со веќе преземените мерки поврзани со задолжителната резерва и макропрудентната рамка, ќе придонесе за зачувување на стабилноста на девизниот курс, постепено намалување на инфлацијата и зацврстување на инфлациските очекувања. Воедно, мерките се очекува да имаат влијание и врз кредитните услови во економијата.
Дали и колку ќе поскапат кредитите ќе зависи од одлуките на банките. Славески вели дека Народната банка испраќа сигнал, но не ги одредува каматите за граѓаните и компаниите. Сепак, повисоката основна каматна стапка вообичаено значи поскапо финансирање и построги услови за задолжување.
Од Централната банка очекуваат мерката да ја намали домашната побарувачка, да ги стабилизира цените и да помогне инфлацијата постепено да се врати кон посакуваните нивоа.




