Не наседнувајте на SMS порака со линк од лажен сајт на УЈП
Управата за јавни приходи информира дека кон граѓаните се испраќаат СМС-пораки со кои се бара да извршат задолжителна пријава на лажна веб-страница https: ujp-gov.mk/potvrda.
СМС пораката од број од мобилен е со содржина: УЈП: Извршете ја задолжителната пријава https://ujp-gov.mk/potvrda. На линкот има повеќе форми каде што се бара да се пополнат лични информации (име, презиме, адреса, итн, детали од платежна картичка и слики од документи). “
–Никако не отворајте ја оваа лажна веб-страница бидејќи од вас бара да пополните полиња со вашите лични податоци, податоци од платежна картичка и да прикачите фотографија од вашата лична карта. Споделувањето на вашите лични податоци преку оваа лажна веб-страница може да предизвика нивна злоупотреба – предупредуваат од УЈП.
Оттаму потенцираат дека веб-страницата е лажна и не e во сопственост на Управата за јавни приходи.
–Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните, да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба. Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со оваа состојба, соопштуваат од Управата.
За сајтот кој лажно се претставува како УЈП, предупреди и Агенција за електронски комуникации – Национален центар за одговор за компјутерски инциденти (MKD – CIRT).
Од таму известуваат дека станува збор за Smishing (форма на фишинг во која напаѓачот користи привлечна текстуална порака за да ги измами луѓето да кликнат на испратениот линк и да му испратат лични информации со цел нивна понатамошна злоупотреба). MKD – CIRT исто така предупредува да внимавате и да не ги отварате линковите испратени во пораката, а доколку веќе сте го направиле тоа и сте внеле свои податоци и лозинки, тогаш веднаш променете ги.