Не сечи ја мојата иднина! СТОП за дрвокрадството
Со почетокот на пролетното време почнува и кампањата за подигнување на јавната свест: „Не сечи ја мојата иднина. СТОП за дрвокрадците“.
„Не сечи ја мојата иднина! СТОП за дрвокрадците“ е национална кампања која ја спроведува Здружение на Граѓани Регионален центар за шумарство и рурален развој – РЕФОРД во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со финансиска поддршка на Агенцијата за шуми на САД. Тим на искусни и истакнати шумарски инженери работи на информирање на јавноста за вредноста на шумските екосистеми, но и за опасноста од нивно исчезнување поради нелегалната сеча организирана од страна на добро организирани криминални групи.
Кажувајќи им СТОП на дрвокрадците кои ја уништуваат иднината на нашите деца преку крадење на дрвјата од македонските шуми, ја градиме оваа кампања за подигнување на јавната свест.
Главната цел на оваа кампања е да се постигне повисоко ниво на разбирање на следните 3 главни информации:
- Шумите се чувари на нашата иднина
Шумите и нивните еко-системски функции се непроценливо богатство. Шумите имаат функција на регулирање на водниот режим и задржување на водата со што обезбедуваат природна заштита од поплави. Тие се филтри на воздухот, складиште на јаглерод и фабрика за кислород. Шумите се дом за многу животни и растенија. Сето ова е под закана од исчезнување доколку со шумитене се стопанисува одговорно.
- Кога купуваме дрво од дрвокрадци, поддржуваме ланци на организирани криминални групи
Во јавноста постои слика дека со нелегална сеча на дрво се занимаваат сиромашни групи на граѓани кои припаѓаат на локалните заедници. Најголем процент од соголените шумски површини се направени од страна на добро организирани и моќни криминални групи. Купувајќи нелегално дрво му даваме економска оправданост на овој криминал и на уништувањето на нашите шуми.
- Која е разликата меѓу легална и нелегална сеча на дрво?
При легалната сеча внимателно се одбираат стеблата за сеча, со тоа што се внимава да се одржи и да не се наруши заштитната улога на шумите. Изборот на дрвја за сеча гарантира дека ќе се обезбеди простор за раст на нова шума која ќе се пошуми по природен пат или со шумски садници. При нелегалната сеча, единствено нешто за што се води сметка е личниот профит прекусоголување на шумските површини.
Како да знаете дали дрвото што го купувате за огрев е од легални извори?
Треба да се внимава на неколку работи при набавката на дрво:
- Дрвото легално може да се набави од ентитетите кои стопанисуваат со шумите во држвна сопственост: ЈП Национални шуми и Националните Паркови, како и приватните шуми и складиштата за продажба на дрво. Повеќе може да најдете на следниот линк:
- При легално набавено дрво, треба да добиете документ – испратница која изгледа вака
- При легално купување на дрва, дрвото треба да е означено со соодветен жиг
Жигосување е втиснување на јасно видлив шумски жиг на посочени дрвнисортименти (огревно дрво, дрво за механичка и хемиска преработка и техничко дрво), кое се врши при прием на произведеното дрво од страна на овластени лица. Жигот е еден од индикаторите преку кои може да се утврди легалното потекло на дрвото.
Кога купувате огревно дрво од легални извори, најмалку 80% од истото мора да го има овој жиг.
- Внимавајте: Често се прават малверзации со количината на дрвото?
Постои одредена забуна кај граѓаните што е тоа метар просторен, а што е полн метар кубен. Во ланецот на нелегални дејствија се случува и малверзација во продажбата во метар просторен, а граѓанинот плаќа за метар кубен (м3). Во овој случај плаќаме повеќе, а добиваме помалку.
Дознајте повеќе преку прирачникот за Борба против нелегални активности во шума
Македонските шуми се наша голема гордост и од исклучителна важност за сите граѓани на нашата држава. Да ги сочуваме заедно и да обезбедиме иднина за нас и нашите деца. Кажете му СТОП на дрвокрадството.
Институции задолжени за борба против нелегалните шумски активности (нелегална сеча на дрва) и како да ја пријавите?
Институции:
– Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство https://www.mzsv.gov.mk/
– Министерство за внатрешни работи https://mvr.gov.mk/default
– Јавно претпријатие Национални шуми http://www.mkdsumi.com.mk/aktuelnosti.php?a=0
Начин на пријавување нелегални шумски активности:
- Можете да се орбатите во ЈП Национални шуми на телефонскиот број 02 155 22
- Министерство за земјоделство шумарство и водостопанство-
- Преку секторот за Шумска полиција и подружниците на Шумска полиција.
- Преку „Пријави проблем “ сегментот на страната на Министерството.
- Со јавување на броевите 112 и 192