Нефункционалниот ’рбет на здравството
Дали смртта на Тамара ќе го соголи нефункционалниот ’рбет на македонското здравство, и тоа по хиерархија од најнискиот до врвот?
Тага, гнев, револт по смртата на деветгодишната Тамара Димовска, која не ја дочека ветената операција во странство. Реакциите на јавноста за прерано згаснатиот живот на девојчето кое почина во понеделникот, поради компликации од искривувањето на ‘рбетниот столб, не стивнуваат. Граѓани, невладини организации, новинари, политички партии бараат институциите да си понесат одговорност затоа што не обезбедиле навремена лекарска интервенција за Тамара. На социјалните мрежи не престануваат да се редат коментари од револтирани граѓани кои бараат оставка од министерот за здравство Никола Тодоров и директорката на ФЗОМ Маја Парнарџиева Змаејкова. Групата на социјалната мрежа фејзбук под име „Оставка на Никола Тодоров“ до сега брои над 13 000 поддржувачи и бројот се зголемува.
Несреќната судбина на малечката Тамара го постави прашањето „Кој донесува одлуки дали и каде ќе се лекуваат тешките случаи и колку државата ќе издвои за спасување на животот и здравјето на тие граѓани а колку ќе заштеди.“
Одлуката за малата Тамара да не се лекува во странство дошла од повисоко ниво, се чекало да се отвори новиот спинален центар за таму да се лекува девојчето, тврди Аспазија Софијанова, директорка на Клиниката за детски болести. Кога одлучувала Второстепената комисија, Софијанова не била во државата, одлуката се договарала по телефон. На Решението, со кое се одбива Тамара да оди на лекување во странство, стои потписот на Софијанова но таа не била претседавач на Комисијата, туку само ја менувала доктор Анастасика Поповска, која била болна во тој период, а која инаку е мајка на министерот за надворешни работи, Никола Поповски. Софијанова изјави дека Фондот за здравство калкулирал, се барале опции каде поефтино ќе чини лекувањето.
Надлежните се оградуваат од одговорност и ја префрлаат топката од еден на друг. Од Фондот за здравствено осигурување уште завчера отфрлија било каква одговорност и тврдеа дека во конзилијарното мислење немало назнака за итност. Министерот Никола Тодоров вчера изјави дека чувствувал тага и разочарување, но не и одговорност за смртта на 9-годишната Тамара. Лично смета дека сторил се` за овој случај. Јавноста не слушна одговор од ресорниот министер дали има намера да поднесе оставка. Тодоров, кажа дека ќе наредел детална проверка на документите, за да се утврди дали Тамара била итен случај, а не била третирана како таков.
Како одговаар на оваа изјава на министерот, мајката на Тамара на социјалните мрежи напиша: „Зошто си разочаран? Уште пред три години во Велес јавно те молев да ме примиш, да те запознам со случајот на Тамара и до ден денес не нè прими иако знаеше дека те чекам пред министерството. Тамара имаше болки, молеше за помош, ама ти не најде време да нè примиш и да нè сослушаш и затоа немаш одговорност“.
Во меѓувреме, назначен е јавен обвинител кој треба да истражи евентуална одговорност за смртта на девојчето. По наредба на обвинителството беше извршена обдукција врз телото на девојчето.
До јавното обвинителство реагираа од детската амбасада „Меѓаши“ кои го повикаа Јавниот обвинител и Народниот правобранител да го испитаат не само случајот Тамара туку и сите други случаи каде има основ да се постапува, да ја утврдат одговорноста и да поднесат кривични пријави против одговорните. Од таму велат, смртта на Тамара ги потврдува нефункционалноста и тромоста на системот кога треба да се спасат детски животи. Според нив, треба да се понесе одговорност од етички и од кривичен аспект. Дали смртта на деветгодишно девојче ќе го соголи нефункционалниот ’рбет на македонското здравство, и тоа по хиерархија од најнискиот до врвот, останува да видиме.
{loadposition content9}