Skip to main content

Николоски: Одлични вести од Брисел, возачите се прифатени како професионалци

Европската комисија ќе бара решенија за одредени категории професионалци од трети земји, вклучително и возачи на камиони, со цел да се овозможи подолг престој во Шенген зоната.
 |  инфодеск  | 

Европската Унија ги прифаќа возачите на камиони како професионалци со што се решава проблемот на превозниците, објави министерот за транспорт Александар Николоски на Фејсбук .

Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. После протестите и силната офанзива изминатиот период Брисел ќе донесе нова Стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи, напиша Николоски во објава на Фејсбук и сподели делови од нацрт Стратегијата за визи која унијата ја објави денеска.

Стратегијата наведува дека институцијата ќе соработува со земјите-членки за да најде „прагматични решенија“ за да овозможи продолжен краткорочен престој за одредени категории државјани од трети земји, а воедно да обезбеди безбедност и економски придобивки за Унијата.

Превозниците од четири земји од Западен Балкан ги блокираат граничните премини од 26 јануари поради воведувањето на Системот за влез/излез во Шенген зоната. Тие бараа подолг престој од предвидените 90 дена во период од 180 дена и да добијат посебен статус, а не да бидат третирани како мигранти или туристи.