Skip to main content

Министерство за животна средина и просторно планирање

Во функција е нов веб портал за квалитет на воздухот

МЖСПП стави во функција нов веб портал за квалитет на воздухот
 |  инфодеск  | 

Министерството за животна средина и просторно планирање пушти во употреба нова верзија на државниот веб портал за квалитет на воздухот, достапен на познатата адреса air.moepp.gov.mk. Наместо радикално нова платформа, делат дека станува збор за целосно освежен, побрз и пофункционален интерфејс преку кој граѓаните во реално време можат да го следат загадувањето во своите градови.

Според соопштението на МЖСПП, порталот и понатаму ги прикажува податоците од сите државни мониторинг станици, но новитет е начинот на кој тие се претставени: мерните резултати се претвораат во индекс, усогласен со Европскиот индекс за квалитет на воздух, кој во земјава официјално се применува од 4 јули 2025 година. Тоа значи дека корисникот наместо само „суви“ бројки, гледа и јасно обоен индекс со порака дали воздухот е прифатлив, нездрав или опасен, по сличен принцип како европските и глобалните мапи за загадување.

Новата верзија на страницата нуди и поразработени анализи. Освен моменталните концентрации на ПМ честички, озон, азотни и сулфурни оксиди, достапни се табели и графици за тоа колку пати во текот на годината се надминати законските гранични и целни вредности, но и годишни прегледи за претходни години. На тој начин се добива појасна слика дали одреден град само „повремено излетува“ над нормите или континуирано живее во премногу загаден воздух.

Порталот е поврзан со Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиентен воздух, кој веќе две децении е носечка мрежа за мерења во земјава. На страницата се достапни и информации за локацијата на станиците, мерните инструменти, законодавството, граничните вредности, како и публикации – дневни, месечни и годишни извештаи, оценски извештаи и плански документи за квалитет на воздух на национално и локално ниво. Практично, порталот станува централна архива не само за моменталните мерења, туку и за целата документација поврзана со воздухот.

Паралелно со веб верзијата, МЖСПП објави и мобилна апликација за Android и iOS, преку која истите податоци може да се следат на телефон. Линковите за преземање се поставени на порталот, а корисникот може да избере град или мониторинг станица и да ги гледа последните мерења, како и индексот на загадување. Овој чекор е обид информацијата да биде „во џеб“ – особено во зимски периоди кога во Скопје и другите поголеми градови индексите редовно се искачуваат меѓу највисоките во Европа.

Дополнителна новина е можноста за преземање „widget“ за одделни мониторинг станици, кој може да се вгради на други веб страници – на пример, на портали, општински страници или училишта. Така, податоците од државниот систем можат директно да се појавуваат и на други платформи, без потреба корисникот секогаш да оди на air.moepp.gov.mk. Тоа ја зголемува видливоста на информацијата и создава притисок загадувањето да не остане само бројка на едно место, туку постојана визуелна потсетник каде што граѓаните се информираат секојдневно.

Новиот портал доаѓа во момент кога загадувањето веќе одамна не е само здравствена, туку и политичка тема. Меѓународните индекси редовно го рангираат Скопје меѓу градовите со алармантно ниво на честички, а домашните локални и национални планови често остануваат „заглавени“ меѓу добрите намери и бавната реализација. Во таков контекст, освежениот портал и мобилната апликација не ја решаваат загаденоста сами по себе, но го прават неможно таа да се игнорира – податоците стануваат појасни, поразбирливи и потешко манипулативни за сите актери, од институции до јавност.