Од март стапува на сила новиот закон за заштита од пушењето, предвидени казни од 150 до 5000 евра
Македонија од март се подготвува за воведување построги мерки во борбата против штетните последици од пушењето. Новиот Предлог-закон за заштита од пушење, објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), предизвика бурни реакции во јавноста. Дел од граѓаните и стручната јавност го поздравуваат како неопходен чекор за унапредување на јавното здравје, додека други остро реагираат на најавените ограничувања на продажбата и забраната за пушење во јавни и работни простории, оценувајќи ги како премногу ригорозни.
Министерот за здравство, Азир Алиу, оценува дека новото законско решение отвора суштинско прашање што директно го засега јавното здравје, особено здравјето на децата и младите. Според него, тутунот и никотинот и понатаму се водечка причина за превентабилна смрт, додека изложеноста на чад и аеросоли сериозно ги загрозува и непушачите. Дополнителен проблем, како што посочува, се новите никотински производи, ароматите и агресивниот маркетинг, кои сè почесто се насочени кон младата популација.
Според најавите од здравствените институции, се разгледува воведување целосна забрана за користење не само на класични цигари, туку и на електронски цигари, „вејп“ уреди и други никотински производи, во сите угостителски објекти, приватни компании, јавни установи, како и на автобуски и железнички станици, пазари и други фреквентни јавни простори. Пушењето би било недозволиво и во патнички возила доколку во нив се превезува малолетно лице. Во рестораните и кафулињата, користење тутунски производи ќе биде дозволено исклучиво на тераси кои се целосно отворени од најмалку три страни, за разлика од досегашната пракса со затворени или делумно преградени простори. Предлог-законот предвидува и забрана за увоз и продажба на тутунски и никотински производи со додадени вкусови и ароми. Покрај тоа, се воведува целосна забрана за јавно изложување, промоција и рекламирање на цигари и сродни уреди преку трговски објекти, медиуми, социјални мрежи и јавни манифестации.
Предвидени парични казни за тие што нема да го почитуваат законот се следните:
- за мали правни лица: 2.000–3.000 евра
- за средни правни лица: 3.000–4.000 евра
- за големи правни лица: 4.000–5.000 евра
- и за физички лица: 150–300 евра
-Бизнисите нема да се затворат, бидејќи со законот за заштита од пушењето не се забранува пушење цигари. Тие луѓе кои пушат може да пушат во одредени простории, како што се тераси отворени од три страни. Значи кафулињата и локалите можат да креираат таков тип инфраструктура, ако им е битно за бизнисот, рече денеска министерот за здравство Азир Алиу.
Тој потенцира дека од утре ќе има состаноци со сите инспекторати за да може да ги информира за законот и за да видат дали им треба дополнителен човечки капацитет или друг тип инфраструктура, со цел да се следи имплементацијата на законот на терен.
– Јас сум свесен дека законот има добро дефинирани постапки каде може да се пуши, каде не смее да се пуши. Но, исто така ќе имаме добро дефинирани правилници што ќе бидат јавно достапни, ќе знаат сите заинтересирани страни кои треба да бидат информирани или имаат дел од бизнисот што е опфатено со овој закон, за да може да се прилагодат или инфраструктурно или внатрешни правилници ако им треба. Сигурен сум дека од 1 март се очекува законот да биде во сила, дека ќе имаме друг тип на инфраструктура надвор од нашиот дом, а тоа значи дека во јавен транспорт, во простории што се заеднички ќе имаме чист воздух и нема да дишеме никотин. Ве уверувам дека нема да дозволам надвор од тие европски политики да креираме некој хибриден закон, бидејќи тогаш од првиот ден законот нема да биде функционален, додаде Алиу.