Нова лидерска, во понеделник
Лидерската средба не даде резултати, но предводниците на четирите најголеми македонски и албански партии од власта и опозицијата се договориле во понеделник да одржат уште една средба на која би ја утврдиле рамката на преговори за излез од политичката криза, пишува „Макфакс“.
Лидерската средба не даде резултати, но предводниците на четирите најголеми македонски и албански партии од власта и опозицијата се договориле во понеделник да одржат уште една средба на која би ја утврдиле рамката на преговори за излез од политичката криза, пишува „Макфакс“.
Како што рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, рамката не успеавме да ја договориме, но остануваме на нашите барања за формирање преодна влада, со мандат за предвремени парламентарни избори.
Заев изјави дека по денешните разговори за рамката за дијалогот тој не е оптимист за постигнување решение.
„Ова не е политички дијалог туку обид да се постигне рамка за дијалог, а денес тоа не се случи. Воопшто не направивме исчекор. Нашата политичка агенда е единствено излегување од политичката криза и тоа со преодна влада. Продолжуваме в понеделник“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по завршувањето на лидерската средба, кој додаде дека не дошле да разговараат за барањата.
Нагласи дека опозицијата не се враќа во Собранието. За претстојниот протест во недела, Заев порача дека ќе биде мирен.
„Усвоивме една декларација за правење ненасилни протести. Не можам да кажам дали денешната средба беше успешна. Не би прогнозирал како би се постигнал договор“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, додавајќи дека тој не планира да даде оставка.
На новинарско прашање дали може да се очекуваат уште оставки во неговиот кабинет, тој рече дека за сега нема, а ако има медиумите ќе бидат известени.
Лидерската средба која беше по иницијатива на амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли, заврши без конкретен предлог за надминување на кризата, од нивна страна.
Лидерот на ДУИ ги изнел своите ставови и позиции, но портпаролот одбегна да прецизира за какви ставови се работи.
„ДУИ, јас и мојот колега од ПДП ги поздравуваме почетокот на преговорите меѓу четирите најголеми и најрелевантни партии во Македонија со присуство и на меѓународната заедница и како што веќе сте информирани се договоривме истиот дијалог да продолжи во понеделник во ист состав, кадешто заеднички ќе разговараме за рамка на политички дијалог меѓу овие четири партии“, рече Артан Груби.
„На средбата ги повторивме трите наши барања, од кои нема да отстапиме: оставка на премиерот Никола Груевски и формирање преодна Влада која би организирала фер и демократски парламентарни избори, потоа оставка на јавниот обвинител Марко Зврлевски и назначување на неутрален обвинител, и третото, оставка на директорот на јавниот сервис МРТВ на чие место би бил поставен неутрален директор”, брифираа од СДСМ.
Премиерот Никола Груевски рече дека во понеделник средбата ќе се одржи меѓу истите соговорници во 13.30 часот.