Skip to main content

министерство за здравство

Нови програми за специјализации и супспецијализации: Општа хирургија и интерна медицина ќе траат по пет години

Нови програми за специјализации и супспецијализации за унапредување на системот на здравствена заштита
 |  инфодеск  | 

Во рамки на реформата на системот на здравствена заштита се унапредува еден од најважните сегменти кои имаат директно влијание врз квалитетот на здравствените услуги кои ги добиваат граѓаните, а тоа е системот на специјализации и супспецијализации. Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Азир Алиу, кој ги презентираше новите програми за специјализации и супспецијализации.

-Анализите покажаа дека имаме тесно профилирани специјалисти со ограничена применливост, недоволна практична подготвеност, особено во итната и интензивната медицина, како и сериозен притисок врз терцијарното здравство. Дополнително, постои неусогласеност со современите европски образовни модели. Затоа, примарниот фокус на оваа реформа го ставаме на две клучни области – интерната медицина и општата хирургија. Во делот на интерната медицина, воведуваме засилена практична обука, особено во ургентна медицина и интензивната нега, рече Алиу. 

Потенцира дека се воведуваат засилени обуки за POCUS – point-of-care ултразвук, како стандардна вештина за секој интернист, а дополнително се дефинираат минимални практични интервенции и се овозможува поголема автономија на специјалистите во нивната секојдневна работа. 

Нашата цел е образовниот процес да создаде интернист кој може самостојно да управува со комплексни и итни состојби на секундарно ниво, со поширока клиничка подготвеност за состојби во однос на различните органски системи. Во делот на општата хирургија, воведуваме петгодишен, европски усогласен курикулум, со широка хируршка основа и мултисистемски пристап. Го подобруваме системот на тријажа и создаваме основа за понатамошна супспецијализација. Целта е да создадеме флексибилен и функционален хирург, со развиени вештини и знаење да одговори на реалните потреби на болниците, особено во внатрешноста на државата, истакна Алиу. 

Според него, ефектите кои се очекува да бидат постигнати за здравствениот систем се подобра достапност на квалитетна здравствена услуга, намалување на упати кон терциерно ниво, подигнување на безбедноста на пациентите и рационализација на човечки ресурси. 

Тој појасни дека предвиден е период од 36 месеци односно три години по специјализацијата студентите да можат од стара специјализација да се префрлат на нова програма. Новиот модел предвидува едногодишни програми за постојните специјалисти, односно нивно усогласување, како и двегодишни програми со стандардна надградба по новите специјализации. 

-Нашата стратешка насока кон која се движиме е враќање кон широка базична специјализација, супспецијализација како надградба, примена на принцип на регионализација и постигнување на баланс меѓу општи специјалисти и тесно профилирани експерти. Ова, освен што е образовна реформа, истовремено е и системска промена која ќе донесе подобра достапност до квалитетна здравствена услуга, поефикасно користење на ресурсите и зајакнување на секундарното здравство, покомплетен, пофлексибилен и системски усогласен медицински кадар – како одговор на реалните потреби на здравствениот систем и пациентите, како и кадар кој не само што има знаење, туку има и практична подготвеност да реагира таму каде е најпотребно, додаде Алиу. 

За значењето на реформата во медицинското образование на прес-конференцијата зборуваа деканите Медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип, проф.д-р Светозар Антовиќ, проф. д-р Невзат Елези и проф. д-р Катерина Златановска, како и претседателката на Лекарската комора, проф. д-р Калина Гривчева Старделова.