Ново поскапување на горивата: од вечерва на полноќ бензините 97, дизелот 101 денар

Дизелот од полноќ поскапува за шест денари и ќе се продава по 101 денар за литар, додека најголем ценовен скок има кај екстралесното масло за домаќинство, кое поскапува за осум денари и ќе достигне 105 денари за литар. Поскапуваат и бензините – Еуросупер БС-95 ќе чини 97 денари, а БС-98 ќе биде со цена од 99 денари за литар.
Одлуката ја донесе Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), со која се зголемуваат малопродажните цени на сите нафтени деривати во земјава.
Еуродизелот (Д-Е V) од полноќ ќе се продава по 101,00 денар за литар, што е зголемување од шест денари во однос на досегашната цена. Екстралесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) поскапува за осум денари, па новата цена ќе изнесува 105,00 денари за литар.
Корекција има и кај бензините. Еуросупер БС-95 поскапува за три денари и ќе чини 97,00 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 исто така поскапува за три денари и новата цена ќе биде 99,00 денари за литар.
Од РКЕ објаснуваат дека новите цени се утврдени врз основа на движењето на референтните цени на нафтените деривати на светските берзи, како и промените во курсот на денарот во однос на американскиот долар.




