Објавени конкурсите за упис на средношколци
Објавен е конкурсот за запишување ученици во вкупно 103 јавни средни училишта за учебната 2014/2015 година.
Објавен е конкурсот за запишување ученици во вкупно 103 јавни средни училишта за учебната 2014/2015 година.
Условите за запишување на учениците се да имаат завршено основно образование, да не се постари од 17 години и да се определат да се запишат во гимназиско, стручно, средно уметничко образование или средно образование за ученици со посебни образовни потреби.
При пријавувањето учениците треба да достават пријава за запишување која може да ја подигнат од училиштето и е бесплатна, оригинални свидетелства од петто до осмо одделение и извод од матичната книга на родените.
Пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во два уписни рока, јунски и августовски, со две пријавувања во јунскиот и едно пријавување во августовскиот рок. Првото пријавување е на 23 и на 24 јуни 2014 година, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 25 јуни.
Квалификационо тестирање ќе се организира во училиштата за средно образование на 27 јуни годинава. Второто пријавување од јунскиот рок е на 30 јуни и на 1 јули а резултатите ќе се објават на 3 јули. Учениците ќе може да си ја пробаат среќата и во август, каде запишувањето е предвидено за 21.
Критериумите за избор се средниот успех на ученикот, односно оценките од петто до осмо одделение, среден успех на ученикот постигнат по четири предмети, односно мајчин јазик, странски јазик и два предмети што се од значење за струката, како и дипломи од освоени места на меѓународните и републичките натпревари по истите предмети.
Во училиштата каде се пријавени поголем број ученици отколку што има места, а кои имаат еднаков број поени, ќе се спроведе квалификационо тестирање по предметите значајни за струката. Ученикот по сите критериуми утврдени во конкурсот може максимум да добие 80 поени, но училиштата за второто пријавување во првиот уписен рок може да го намалат бројот на барани поени на 75.
Во средното уметничко образование може да се запишат и надарени ученици со незавршено основно образование ако претходно добијат согласност од Министерството за образование, со обврска паралелно да се стекнат и со основно образование. Во гимназијата „Јосип Броз Тито“ во Скопје, во трета година ќе се запишат и 20 ученици во програмата меѓународна матура. Бесплатен превоз или сместување на учениците кои ќе се запишат во прва година во јавните средни училишта нема да биде обезбеден ако избраниот вид на образование, односно струка го има во општината односно регионот.
{loadposition content9}