Обвинение за Мухамед Зеќири
Обвинителката Катерина Коларевиќ поднесе обвинение против екс-генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири. Тој се гони за злоупотреба на службената положба и овластувањето, односно дека во повеќе наврати, без јавна набавка, избрал фирми на кои им исплаќал владини пари. Обвинителството тврди дека Зеќири го оштетил буџетот за речиси 1,5 милион евра, кои завршиле во приватни фирми.
Обвинетиот како службено лице – генерален секретар на Владата на РСМ, со умисла извршил две временски поврзани дејства што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело. Тој во периодот од април 2021 година до март 2022 година, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, постапил спротивно на одредбите од Законот за јавните набавки и во два наврата, без спроведување соодветна постапка за јавна набавка во која на конкурентен начин би се избрало правно лице за спроведување на потребните активности, склучил два договора со две правни лица како даватели на услуги – посочуваат од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Освен Зеќири, обвинети се и хрватските државјани, дел од фирмата што вршела консултантски услуги, без да бидат избрани на тендер.
Имено, на 04.05.2021 година, обвинетиот, без да спроведе постапка за јавна набавка, со умисла потпомогнат од осомничените хрватски државјани, недостапни на органите на прогон, склучил договор за консултантски услуги со правно лице на износ од 795.000 евра, без ДДВ во денарска противвредност. Ова правно лице, во кое еден од осомничените хрватски државјани е соосновач и управител, било основано дваесет дена пред склучувањето на договорот. По склучениот договор, правното лице склучило договор за консултантски услуги за постапка на процена на вредноста, како и длабинско снимање на АД ‘Пошта’ на Северна Македонија од Скопје со вториот осомничен хрватски државјанин за износ од 130.000 евра во денарска противвредност. Во критичниот период во повеќе наврати од сметката на Владата на РСМ исплаќани се парични средства на сметката на правното лице, со што за правното лице е прибавена значителна противправна имотна корист во вкупен износ од 57.932.100,00 денари, што го претставува износот во согласност со договорот зголемен за 18 % ДДВ, а за кој износ е оштетен буџетот на РСМ – велат од Обвинителството.
Вториот договор за консултантски услуги е за поддршка во процесот на потенцијална приватизација на „Железници на РСМ – Транспорт“ АД Скопје и бил склучен наредниот месец, односно на 23.06.2021 година, со друго правно лице како давател на услуги (консултант).
Договорот бил со вкупна вредност во износ од 772.400 евра во денарска противвредност, без пресметан ДДВ. На сметка на ова правно лице Владата на РСМ врз основа на издадена фактура првично исплатила аванс од 11.284.162,00 денари за одржување почетен состанок со правното лице, односно за официјално почнување на проектот, а потоа врз основа на уште четири фактури биле исплатени буџетски средства во износ од 26.247.138,00 денари за кој износ е оштетен буџетот на РСМ – додаваат оттаму.
Сметајќи дека сè уште постојат околности врз основа на кои на обвинетиот му беше определена мерката куќен притвор, предметниот обвинител на судот му предложи нејзино продолжување.
Извор/Макфакс