Никој од обвинетите за случајот Пулс не чувствува вина
Сопственикот на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, на денешното рочиште во судницата во Идризово изјави дека не се чувствува виновен. Тој изрази сочувство, дополнувајќи дека ја познава болката и тагата на починатите и нивните блиски, бидејќи и тој, како што рече, има починат член од фамилијата.
-До ден денеска се чудам и сѐ уште не можам да поверувам што се случи таа вечер. Цели девет месеци сум затворен во четири ѕида и секојдневно ја преживувам таа трагична ноќ. Јас како човек и како родител, во клуб каде што се собираат сите млади и моите деца, никогаш не би дозволил да фали нешто, изјави Јованов.
Пред неговото излагање, збор зема и неговата бранителка, Ивана Коцевска, која истакна дека обвинетиот е неправедно товарен со институционални пропусти.
-Обвинетиот е обичен човек на кој му се става на товар институционален пропуст. Дејан е човек, а не монструм, ниту тој, ниту кој било човек на планетава би посакал да се случи тоа што се случи, но за жал, се случи и ни ја тресна од глава дисфункционалноста на целокупниот систем. Трагедијата е резултат на нефункционалниот систем, рече Коцевска.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти. На обвинителна клупа седнаа 37 лица – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.
За невини се изјаснија и претставниците на трите обвинети фирми, меѓу кои и таа за обезбедување „Рубикон”, чиј сопственик Александар Нацев е меѓу обвинетите, а чии вработени, по инструкции на менаџментот, дозволиле да се внесе и употреби пиротехниката која го запали објектот. Михаил Стојанов, синот на сопственикот на „Пулс“, поранешните градоначалници Љупчо Папазов и Ратко Димитровски, ексминистрите Ваљон Сарачини и Крешник Бектеши исто така се изјаснаа за невини.
Фото: сдк.мк