Обвинителството отвори предмет за извозот на мозоци од Македонија за научни цели во САД
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) отвори случај по информациите објавени во медиумите во врска со наводите од документите објавени во случајот Џефри Епштајн, кои покажуваат дека примероци од мозок од починати лица од нашата земја, кои веројатно биле транспортирани за научно-истражувачки цели во Соединетите Американски Држави. Целта на оваа истрага е да се испитаат индикациите за можно постоење на елементи на кривично дело.
-Предметите се доставени до главното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое треба да преземе мерки за собирање официјални информации од надлежните органи, институции и здравствени установи, со цел да се утврди евентуално нелегално ракување со човечки ткива и биоматеријали, пропусти или злоупотреба при добивање дозвола и согласност, велат од обвинителство.
И министерот за здравство, Азир Алиу, побара детална анализа на податоците во врска со испраќањето на ткива од мозоци на македонски пациенти на американскиот Универзитет „Колумбија“ за научни цели. Алиу појасни дека Министерството не е надлежно за истражувањето, бидејќи станува збор за проект кој започнал уште во 1996 година и се спроведувал во рамките на меѓународна соработка помеѓу институции.
-За секој проект постои меморандум потпишан од двете страни – најверојатно помеѓу универзитетите, МАНУ или Институтот. Ние не управуваме со ниту една од овие институции. Надлежно е Министерството за образование и наука. Нашата улога е да даваме лиценци за увоз и извоз на биолошки материјал, и токму во тој контекст го разгледуваме случајот, изјави Алиу.
Тој истакна дека работната група во моментов ја проверува усогласеноста на процедурите со законите кои важеле пред три децении. „Тогаш имало сосема различни протоколи, а МАЛМЕД не постоел како самостојна институција, туку бил дел од Министерството за здравство“, додаде Алиу.
Во текстот „Лекот стар 50 години кој би можел да ја реши американската криза со самоубиствата“ се наведува дека американски научници во соработка со Универзитетот „Колумбија“ формирале банка од околу 1.000 човечки мозоци за истражување на самоубиствата. Колекцијата вклучува примероци од лица што извршиле самоубиство, како и контролни примероци.
Во написот се спомнува и Македонија како една од земјите што придонела со примероци, преку соработка со научник од Универзитетот „Колумбија“ кој потекнува од Македонија. Според текстот, мозоците биле земени по смртта, веднаш замрзнати и транспортирани во САД, каде биле архивирани и користени за научни цели. Професорот Горазд Росоклија од Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк во писмена изјава за емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма, изјави дека проектот и ткивата користени во истражувањето биле покриени со сите потребни етички одобренија и писмени согласности од семејствата.