Обвинителство презема мерки за расчистување на инцидентот со уништувањето на македонското знаме, политичките партии со осуда на хулиганското дивеење
По синоќешниот инцидент за време на прославата на Денот на албанското знаме, кога беше искинато македонското знаме, денеска од Јавното обвинителство рекоа дека се преземаат дејствија за расчистување на настанот. Инаку, инцидентот се случи во Скопје, каде што беше блокиран центарот на градот. Според видеоснимките објавени на социјалните мрежи, во близина на трговскиот центар „Мавровка“ на Бит пазар се пукаше со огнено оружје, а се гледа и како група вандали го кинат македонското државно знаме, што предизвика голем револт кај граѓаните.
Од опозицискиот СДСМ побараа од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски итно да постапи и МВР да ги преземе сите потребни мерки за санкционирање на сторителите на овие непромислени и штетни дејствија.
Од владејачката партија реагираат за, како што велат, навредливите скандирања и дивеења на неодговорни групи. Според ВМРО-ДПМНЕ, ваквите постапки имаат политичка заднина, а креаторите преку етнички теми и поделби сакаат да се наметнат во јавниот дискурс во отсуство на реална политичка понуда.
Од ДУИ велат дека го осудуваат индивидуалниот чин на палење на државното знаме, нагласувајќи дека таквите дела не ги одразуваат вредностите на Албанците и не се во согласност со стремежите за стабилен соживотност и взаемна почит, но ги обвинија на ВМРО-ДПМНЕ и други политички сили за злоупотреба на овие инциденти, обвинувајќи ги дека се обидуваат да изградат лажна нарација која го криминализира секој став на Албанците.