Skip to main content

Од 12 октомври нови правила за влез во ЕУ

Пред патување, граѓаните ќе треба онлајн да аплицираат за одобрување за влез, со важност од две години, а при аплицирање ќе се наплатува симболична такса околу 7 евра,
 |  инфодеск  | 
Passkontrolle Passport control signage

Системот за влез/излез на ЕУ започнува со постепена примена од 12 октомври.  Оваа мерка има за цел зајакнување на безбедноста на граничните премини, а истовремено и поедноставување на самата процедура за патниците.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат навремено и целосно информирање на граѓаните за новите правила при патување во ЕУ, за да нема застои на патните премини. 

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Александар Јанев посочи дека се во постојана комуникација со европските партнери и оти според првичните најави и сегашната европска регулатива, граѓаните ќе пополнуваат онлајн апликации.

– Разговараме на дневна основа како сето тоа да биде олеснето и подостапно за нашите граѓани. Се согласувам, најголем проблем може да бидат патните премини кај нашите соседи кои се дел од Европската унија. Затоа, наша обврска е да ги информираме граѓаните комплетно, какви апликации треба да поднесат. Според сегашната регулатива, оваа апликација ќе биде онлајн, сето тоа ќе одзема време, ќе биде кратко, но ќе биде со важност од две години. Такви се првичните најави, но кога ќе ги добиеме официјалните  информации од ЕУ ќе бидат споделени со граѓаните. Таа регулатива е на ЕУ а ние сме должни да ја почитуваме, рече Јанев.

Постепено, во период од шест месеци ќе го имплементираат 29 европски земји (25-те членки на ЕУ дел од Шенген зоната, плус Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија), а со целосната имплементација да започне од 10 април 2026 година, од кога електронски ќе се пресметуваат деновите на престој.

Европскиот систем за информации и одобрување на патување (ETIAS), е сличен на американскиот ESTA, и ќе важи за граѓани на земји кои не се во ЕУ, но имаат безвизен режим со неа — како што е Македонија. Пред патување, граѓаните ќе треба онлајн да аплицираат за одобрување за влез, со важност од две години. Апликацијата ќе биде едноставна, ќе се наплатува симболична такса околу 7 евра, и ќе се одобрува автоматски во најголем дел од случаите. Иако ETIAS сè уште не е активен, се очекува да започне со примена во текот на 2026 година, а Европската комисија ќе го објави точниот датум неколку месеци однапред. Во моментов не е потребна никаква акција од страна на патниците.