Од денес нема замрзнати цени
Oд денеска престанува да важи владината одлука со која беа замрзнати цените на некои земјоделски производи, белиот и полубелиот леб, брашното, маслото за јадење, јајцата, оризот, тестенините, млекото и млечните производи. Се одмрзнуваат и цените на производите за лична хигиена влажните марамчиња, хигиенските влошки, пелени.
Според власта, непродолжувањето на мерката за замрзнатите цени на овие производи се должи на падот на инфлацијата во земјава, особено на прехранбените производи. Очекувањето на Министерството за економија е инфлацијата во јуни да биде пониска од 10 посто.
Надлежните уверуваат дека поскапувања на овие производи нема да има, а доколку има злоупотреба од страна на трговците, веднаш ќе бидат преземени соодветни мерки.
Инаку, на 28 февруари владата ја замрзна цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари, а потоа на 16 март беа замрзнати и цените на дел од тестенините, млеко и млечните производи. На 21 март на листата беа додадени оризот и јајцата, додека на 5 април беа ограничени цените на 11 видови овошје и зеленчук.