Од денес поевтинуваат над 1000 производи

Од денеска се очекува да поевтинат над 1000 прехранбени и непрехранбени производи откако во Службен весник се објавени одлуките на Владата за ограничување на бруто профитните маржи и за замрзнување на цените на дел од производите. Намалувањето на цените е предвидено да трае до 30 април, а се очекува цените на производите опфатени со мерките да се намалат за најмалку 10%.
Според владината одлука, на 5% се ограничува профитната маржа за млеко, леб, брашно, јајца, масло, јогурт и кисело млеко, на 10% за месо, шеќер, млечни производи, ориз и тестенини, а на 15% за хигиенски средства, овошје, зеленчук и бебешка храна.
Реагираат и трговците, и бараат повторна средба со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши за да ги разгледаат последиците од овие одлуки, бидејќи според нив, со владините одлуки нема да бидат опфатени 1000 производи, туку од 3000 до 4000 производи, вклучувајќи ги сите видови млеко, како и производите како што се детергентите и сапуните.
-Целиот сектор ја дели загриженоста, иако до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат достави конкретни предлози, кои се одраз на реалната состојба. Овие предлози беа на барање на Владата. Тие имаат за цел да се обезбедат ефективни мерки за намалување на цените, а истовремено да не го загрозат опстанокот на трговските претпријатија. Затоа предлагаме Владата посериозно да ги земе предвид нашите аргументирани предлози, кои се во согласност со Уставот и законите на државата, пред да донесува вакви сериозни одлуки, кои можат да нанесат голема штета на сите стопански субјекти вклучени во трговската дејност, информираат од Комората.