Skip to main content

Економија

Од денеска покачен минималец

Покачен минималец, според последните законски измени, ќе добијат 80 илјади вработени. Зголемен е за 2 800 денари од претходниот и изнесува 18 000 денари.
 |  Маја Савиќ  | 
Денари минималец

Од денеска започнува исплатата на минималната плата од 18 000 денари. Како што наведува Владата, покачен минималец ќе добијат 80 илјади вработени од различни дејности. Минималецот, според последните законски измени, е зголемен за 2 800 денари од претходниот, чија сума изнесуваше 15 200 денари.

Договорот за покачен минималец беше постигнат во дијалог на Владата со бизнис заедницата, синдикатите и сите засегнати страни во изминатиот период. Утврдена е и методологија со која минималната плата континуирано ќе расте. посочуваат од Владата.

„Дефинирано е дека висината на минималната плата нема да може да биде пониска од 57% од просечната плата. Ова значи дека растот на минималната плата во иднина ќе биде возможен без дополнителни интервенции и очекуваме многу брзо, таа да ја надмине и сегашната договорена сума. Дополнително, државата ќе го субвенционира делот врзан за придонеси, со што се олеснува процесот, за сите засегнати страни“, наведуваат од Владата.

Синдикатите бараат усогласување на минималната плата со останатите плати. Доколку нивното барање не биде исполнето, раководството на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најави генерален штрајк.