Од МОН уверуваат дека годинава свидетелствата нема да доцнат
Свидетелствата за оваа учебна година учениците од основните и средните училишта ќе ги добијат навреме, односно во текот на јуни, информираат од Министерството за образовани и наука (МОН).
Бирото за развој на образованието (БРО), под чија надлежност е спроведувањето на постапката за набавка на педагошка документација за училиштата, вклучително и свидетелствата, од МОН велат дека веќе ја има реализирано оваа обврска.
„Според информациите од БРО, склучен е договор со економски оператор и тој веќе ги испорачува свидетелствата за сите одделенија, а завршена е доставата за учениците од четврто и деветто одделение во основните училишта, како и за учениците од завршните години во средното образование“,се вели во соопштението од МОН.
По целосната испорака, секое училиште индивидуално ги одредува датумите за доделување на свидетелствата за секое одделение. Од МОН апелираат тоа да се случи што поскоро по завршување на наставната година, која согласно Календарите за организација на работата на училиштата, за основците трае до 14 јуни, додека за средношколците до 9 јуни.