Од ноќеска на полноќ поскапуваат горивата
Oд Регулаторната комисија за енергетика соопштуваат дека со најновата одлука се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 2,69 проценти во однос на претходната одлука.
Според одлуката на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), цената на бензините се зголемува за два ипол денари за литар, додека дизел-горивата поскапуваат за два денари.
Па така, од полноќ литар бензин БС-95 ќе се продава за 78 денари за литар, бензинот БС-98 ќе чини 80 денари за литар, а дизелот ќе се продава за 70,5 денари за литар.
Екстра лесното масло за домаќинство поскапува за два денари за литар и тоа ќе се продава по 70,5 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ од полноќ за 0,473 денари за килограм се зголемува цената на мазутот и ќе се продава за 44,507 денари за килограм.
– Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 5,417 отсто, кај дизелот зголемувањето е за 3,508 проценти, кај екстра лесното масло исто има зголемувањето од 3,971 отсто и кај мазутот зголемувањето за 0,971 процент. Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4032 отсто – се наведува во соопштението на РКЕ.