Oд понеделник се очекува да стигнат во Македонија ДиТеПер вакцини и за возрасни
Состојбата со големата кашлица е под контрола. Нo не може да се каже дека е стабилна, бидејќи се уште има пораст на потврдени случаи. Ова е заклучокот на Комисијата за заразни болести од денешната седница. До денес се потврдени вкупно 56 случаи на луѓе заразени со голема кашлица, од кои 46 се од Скопје. Другите се во Куманово, Тетово и Гостивар.Од вкупниот број случаи, 14 се деца под една година, а 9 дополнително се на возраст од 1 до 4 години. Шеснаесет се невакцинирани, 12 се некомплетно вакцинирани, изјави денеска претседателот на Комисија на заразни болести Александар Петличковски по состанокот на Комисијата.
„За разлика од последниот пат кога правевме пресек на епидемиолошката состојба, сега се појавуваат и адолесценти, деца на возраст 10 до 14 години и повозрасни и веројатно во тек на следните недели ќе има малку промена на оваа демографска структура на позитивните случаи, односно очекуваме кај повозрасните и почесто да се потврдува оваа болест. Но, повторно сакам да потенцирам дека нашата најголема грижа како здравствен систем е спречување на ширењето на инфекцијата кај децата, кај малите деца бидејќи децата до една година возраст се најзасегнати, односно најризични по однос на оваа болест.“ рече Петличковски.
Останува препораката на Комисијата за надополнување на пропуштените вакцинални дози кај децата. Од 18 јануари кога беше дадена препораката, до 14 февруари, вкупно се вакцинирани над 13.000 деца, што, според Петличковски е солиден одзив, но како што рече, се уште има илјади деца кои требало да се вакцинираат, а не се вакцинирани. Најавеното упатство за однесување и постапки во услови на епидемија, изготвено од Институтот за јавно здравје, до крајот на неделата ќе биде и обелоденето и испратено до сите инволвирани во процесот.
„Дискутиравме малку и за тестирањето, за начинот на организација на тестирањето за што повеќе лаборатории од јавното здравство да бидат спремни да одговорат на барањата за тестирање, така што во следниве денови навистина брзо очекуваме да се реагира, да се проценат лабораториите кои исполнуваат услови за воведување на ова тестирање и исто така да се назначи, да се формира една референтна државна лабораторија, во која би можеле да се потврдуваат случаите на пертусис позитивни од приватни лаборатории.“ – кажа Петличковски.
Во однос на тоа дали возрасните треба да се ревакцинираат, Петличковски рече дека болеста пертусис за возрасни луѓе не е тешка болест, за неа има достапен лек и нема потреба од страв. Возрасните се опасни како преносители на болеста на малите деца, и затоа се препорачува нивна заштита во семејствата кадешто има мали деца, прво со вакцини, второ со заштита со антибиотици.
„ Вакцини за возрасни во моментот нема, но сме многу блиску да дојдат да се набават, мислам дека е прашање на ден, бидејќи е отпочната постапка, има најава дека ќе пристигнат многу скоро и мислам дека од почетокот на следната недела би можеле да рачунаме и на овие дози. Таа вакцина за возрасни е истата вакцина што се препорачува и за трудници. “ – информира Петличковски.
Во врска со носење невакцинирани деца во градиките, Петличковски кажа дека дел од градинките постапуваат по таа одлука, дел не и дека тоа треба да го решаваат МЗ и МТСП и да обезбедат постапување по препораките на Комисијата.