Skip to main content

Од понеделник во аптеките достапни новите девет лекови од позитивната листа

Која било доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ќе ја покрива Фондот за здравство.
 |  инфодеск  | 

Од понеделник, 16 септември, во аптеките ќе бидат достапни деветте нови лекови со кои е проширена позитивната листа, соопштија денеска министерот за здравство Арбен Таравари и премиерот Христијан Мицкоски.
На листата се додадени девет нови генерици, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Тоа се лекови за висок крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција, односно – за некои од најчестите болести меѓу населението.

„Тоа се лекови што ги користи секој втор човек над 60 години. Мислам дека тоа ќе биде значително намалување на процентот на пациенти кои приватно плаќаат за лекови“, истакна министерот за здравство, Арбен Таравари.

Која било доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ќе ја покрива Фондот за здравство, што на годишно ниво ќе го чини буџетот на Фондот околу еден милион евра.

Последното ажурирање на листата беше во 2014 година, кога на неа бил додаден само еден нов лек. Таравари најави дека следното проширување на позитивната листа на лекови би требало да биде веднаш после Нова година.