Skip to main content

Постигнат договор

Од септември 15 отсто повисоки плати во образование

Постигнат е договор помеѓу СОНК и Владата. Платите на вработените во образованието се покачуваат за 15 отсто.
 |  инфодеск  | 
Училница клупи

Учебната година ќе заврши нормално и без прекини во наставата откако СОНК и Министерството за образование (МОН) постигнаа договор.

Платите ќе се зголемат за 15 отсто со почеток од септември годинава. На сите просветни работници ќе им бидат исплатени платите во целост, а ќе бидат потпишани и колективни договори за основно и средно образование.

Конечно ги приближивме ставовите околу барањата кои СОНК ги достави до МОН. Во препораката од преговарачот ќе стои дека платите во дејноста основно и средно образование ќе се зголемат за 15 отсто. Овој процент ќе важи и со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) што беше договорено на средбата – изјави претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

Министерот за образование, Јетон Шаќири, изрази задоволство по постигнатиот договор и најави дека се договорени сите детали околу колективните договори кои треба да се потпишат во септември.

Исклучително сум задоволен и успешно ја заокруживме дискусијата отворена по повеќе прашања. Повисоки плати во Образование ќе има, освен порамнувањето за минимална плата. МОН и СОНК најдоа целосно разбирање. Ги допрецизиравме работите околу новите колективни договори кои во следниот период треба да бидат потпишани. Со претставниците на СОНК во секоја година понатаму заедно ќе ги разгледуваме сумите за Буџетот – рече Шаќири.

Препораките треба да бидат разгледани од членството на СОНК и потоа да бидат усвоени од Советот на СОНК. Рокот даден меѓу СОНК и МОН за потпишување е 10 дена.

Денес ќе има уште една работна средба меѓу СОНК и претставниците на министерството за труд и социјална политика на која треба да се прецизираат деталите околу исплатата на дневниците за кадарот во градинките кој учествуваше во Генералниот штрајк.